Операторите и ЗАМП не постигнаа договор за реемитување на неколку ТВ канали
29.12.2011 Операторите на јавни комуникациски мрежи Македонски Телеком, ОНЕ и Близу, коишто реемитуваат пакети на програмски сервиси, како дел од својата понуда досега реемитуваа тв канали за чија дистрибуција склучуваа договори со Здружението за заштита на авторски музички права (ЗАМП) и останатите иматели на права. Актуелниот договор за уредување на авторските права, истекува на 31.12.2011 година, поради што е неопходно да се склучи нов договор со кој ќе се регулира реемитувањето на тв каналите, меѓу кои e ХРТ1.
Операторите на јавни комуникациски мрежи повеќе од една година активно преговораа со ЗАМП за продолжување на соработката. За жал, преговорите завршија безуспешно, а пред сè поради неоправданите и нереалните условувања од страна на ЗАМП и останатите иматели на права. Имено, за склучување на нов договор ЗАМП и останатите иматели на права им наметнуваат обврска на операторите задолжително да изберат и реемитуваат поголем број на тв канали од ограничена листа, за која што не постои реален интерес кај корисниците. Операторите сметаат дека зголемениот број на неатрактивни канали, кој што се наметнува од страна на ЗАМП и останатите иматели на права, не само што ќе ги зголеми оперативните трошоци на операторите, туку ќе предизвика потреба за пораст на цената на услугата која на крајот ја плаќаат корисниците. Истовремено, драстично се зголемува надоместокот за реемитување на тв каналите, без воопшто да се има во предвид моменталната економска состојба и куповната моќ на граѓаните во Република Македонија.
Имајќи ги предвид интересите и барањата на своите корисници, операторите не се во можност да ги прифатат понудените услови од ЗАМП и останатите иматели на права за продолжување на договорот. Од тие причини, операторите на јавни комуникациски мрежи почнувајќи од 01.01.2012 година се принудени да ги исклучат од својата понуда тв каналите опфатени со досегашниот договор со ЗАМП и останатите иматели на права, вклучувајќи го и ХРТ1.
Операторите и натаму остануваат отворени за продолжување на соработката и постигнување на нов договор со ЗАМП и останатите иматели на правата, во кој нема да бидат содржани услови кои не се во интерес на двете страни, а во крајна линија се на штета на корисниците. Во исто време, Македонски Телеком, OНЕ и Близу во наредниот период ќе работат на проширување и збогатување својата на понуда на тв канали со квалитетни и интересни содржини, водени пред сè од барањата и потребите на своите корисници.